Докажан професионалец во сферата на здравството, со повеќе од 13 годишно искуство во работа со пациенти, Д-р Зафировиќ е специјалист по абдоминална хирургија во УКХБ “Св.Наум Охридски” – Скопје со завршена супспецијализација по трансплантациона хирургија во Кембриџ , В.Британија. Има изградено професионално реноме во повеќе домашни и меѓународни институции.Меѓудругото таа е член на “Доктори без граници” и “Човештвото на прво место”и активно учествува во хуманитарни мисии во Африка.
Интервју со: Д-р Елена Зафировиќ, кандидат на листа на пратеници во ИЕ1
ДА ИЗГРАДИМЕ СИСТЕМ ВРЗ БАЗА НА ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ, СТРУЧНОСТ И ПОСВЕТЕНОСТ НА СЕКОЈ ПОЕДИНЕЦ
Политика: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски концепт?
Д-р Елена Зафировиќ: Македонски Концепт е единствената опција кадешто обичниот граѓанин може слободно да зборува за проблемите со кои се соочува секојдневно,и кадешто кон предлозите од страна на обичниот граѓанин за решенија за проблемите со кои сите се соочуваме се гледа со отворен пристап, без разлика на тоа од која сфера и поле на делување тие доаѓаат. Накратко, Македонски концепт е една граѓанска опција која на прво место ја става благосостојбата на секој од нас поединечно и на сите нас заедно.
Политика: Дали е ова Ваш прв политички ангажман? Што е тоа што е различно во контекст на оваа Ваша одлука?
Д-р Елена Зафировиќ: Да. Досега не сум била припадник на ниту една политичка опција, ниту пак сум имала некакви политички аспирации. Верувам во различноста на пристапот на Македонски концепт и во искреноста да се направи промена во државата, промена која е насочена кон поставувањето на нови темели, нови вредности на кои ќе почива подобра иднина.
Политика: Според Вас, што е пресудно за подобра иднина на државата?
Д-р Елена Зафировиќ: Воведување на системски реформи и нормална функционалност на сите сфери на делувањето на државата и на институциите. Тоа значи изградба на функционален систем, отпорен на грешките на поединците, независен од политиката и структуриран врз основа на професионализам, стручност и посветеност. Овие три атрибути се клучни во архитектурата на секој систем којшто шретендира да биде функционален. Проблемот во нашиот систем е што овие вредности се контаминирани.
Политика: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?
Д-р Елена Зафировиќ: Деполитизација и декриминализација на општеството во целина. Во последниве 30 години политичките партии взаемно си ги простуваат и си ги предаваат криминалите едни на други. И, наместо да го спречуваат, тие го надградуваат таквиот систем кој вешто го кријат зад флоскулите на „нова и силна правна држава“ или „здрави институции“. Овој таканаречен процес, оваа “чадна завеса” мора да престане еднаш и засекогаш, а со тоа, и да се постават вистински темели на една нормална и функционална држава.
Политика: Која компонента од она што го нуди Македонски концепт за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?
Д-р Елена Зафировиќ: Професионалци и индивидуалци со различен карактер, лична и професионална позадина, кои имаат заедничка идеја за слободно искажување на своите ставови. Концепт кој подразбира проекти наместо пароли и демагогија, во насока на одговор на предизвиците со кои оваа наша држава се соочува и ќе се соочува во иднина.
Целосното интервју на Зафировиќ за политика прочитајте го ТУКА.