Еднакви.мк во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнува со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денешниот разговар е со Јасмина Петковска-Белиот лебед.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Јасмина Петковска: Постојат повеќе такви моменти. Но дефинитивно нема да го заборавам онај момент кога за свое добро како жена, морав да донесам одлука сама со себе. Си реков на себе си: ако сакаш да успееш мораш да играш во ринг со лавови. Ако не играш како нив, ако не бидеш ѕвер, и киниш и гризиш, ќе те изедат останатите ѕверови. Да се однесуваш некогаш како маж за да не може никој да те повреди. За да успееш. Тоа беше на почетокот на мојата кариера во хотелиерството. А како автор, колумнист, писател, постоеа моменти кога ме допираа коментари на луѓе заради моето јавно мислење, и заради кои патев. Но сега знам дека вредело! Повеќе не ме допираат немили и неуки коментари од луѓе кои се силни само зад тастатура од лажни профили. Сега ми е битна онаа бројка од 27.000 илјади следбеници на мојата страна Белиот Лебед кои секојдневно ми даваат љубов за мојата храброст да искажам реалност за подобро утре! Морам да кажам дека има и доста мажи кои ги разбираат вредностите на жените. Јас успеав да бидам слушната, издржав! За мене откажувањето никогаш не било опција! И нема да биде.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Јасмина Петковска: Потребно им е понекогаш да не се толку силни. Да се почувствуваат слободни. Да знаат дека оваа држава стои зад нив. Жената да добие оправдано боледување за време на циклус. Да им се даде можност на апсолутна слобода да може без страв да говорат за тоа дека жените не можат да се вработат или работат по две работи кои не се дел од нивната струка или диплома. Да постојат промени и дополнителни закони за женската заштита, за работоспособност, помош за вработливост, а не чукање на секоја врата со дипломата во раце и секоја ви е затворена пред нос! Да можат да кажат: Да, јас учев, дипломирав, ти си држава и треба да ме вработиш!
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Јасмина Петковска: Грижи се за себе. Негувај го твоето физичко и психичко здравје. Кажи си убав збор на себе си, и верувај во себе. Оној момент кога ќе мислиш дека се потонало, фати се за твојата верба во себе и издржи. Ќе помине.
Целосното интервју можете да го прочитате на ЕДНАКВИ.МК