Одделот за криминалистичка полиција во соработка со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР и со Царинската управа на Р.Македонија, завчера (01.04.) реализираше случај на недозволена трговија со дрога (марихуана), при што приведени се три лица – Т.А (45), А. З (42) и А. И (39), сите од Гостивар, инволвирани во случајот, а откриени и запленети се три килограми марихуана. Поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик на Р.Македонија, против трите лица е поднесена кривична пријава до надлежното ОЈО. Од страна на Судија на претходна постапка, пак, на лицата веќе им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.
Според досегашните сознанија, Т. А по претходен договор со А.З, во втората половина од минатиот месец, за неутврдена сума од Косово набавиле неодредена количина марихуана, со цел за истата да организираат транспорт на релација од Гостивар, Р.Македонија до Истанбул, Р. Турција, заради понатамошна препродажба на дрогата.
Откако Т.А ја набавил марихуаната, тој ја препакувал во картонски кутии од чај, по што го ангажирал З.А да пронајде лице кое ќе го изврши транспортот на дрогата за паричен надомест од 1.500 евра. За таа цел З.А. ја ангажирал А.И да го изврши транспорт на марихуана со автобус.
Постапувајќи по дадените инструкции А.И резервирала билети и на 31. минатиот месец, и заминала со автобус кон Истанбул, Турција. Истиот ден, околу 19,30 часот, на излез од Македонија на ГП “Богородица“ при извршен личен преглед и преглед на личниот багаж на И.А од страна на мобилен тим од Царинската Управа на Р.Македонија, во внатрешноста на автобусот биле пронајдени две најлонски ќеси во кои се наоѓале вкупно четири картонски кутии од црн чај исполнети со по едно најлонско пакување со НН растителна материја, за кои A.И се изјаснила дека се нејзини.
Картонски кутии од чај во кои имало четири пакувања обвиткани со најлон со НН зелена растителна материја од страна на царинските службеници биле одземени и предадени на полициски службеници, по што се доставени за крим-техничко вештачење во МВР на РМ. Од извршеното вештачење било утврдено е дека се работи за три килограми наркотична дрога марихуана.