Временската рамка и чекорите како да се имплеменира евентуалниот договор за спорот со името кој го има Грција со Република Македонија се новите моменти во преговорите кои вчера ги продолжија министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас во Охрид.
Двајцата се согласија дека е постигнат напредок за дел од прашањата кои се веќе созреани, како и дека за дел се уште постојат разлики.
– Разговаравме без надмудрување, со разбирање на потребите на другиот. Како да ги ставиме настрана главните грижи на двете страни, рече шефот на македонската дипломатија.
Во рамките на вчерашните преговори се одржа и средба на работните групи на двете министерства, на ниво на високи дипломати, кои врз основа на напредокот од разговорте во Виена го усогласуваат текстот за идната соработка во различни области. Дипломатите работат и на текст за спречување на иреднетизмот од двете страни и на делови од преамбулата на евентуалниот договор.
Коѕијас, од своја страна, потврди дека е направен напредок и на ниво на министри и на ниво на работни групи.
Според лидерот на грчка опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис, уставна ревизија, справување со иредентизмот и прашањата поврзани со идентитетот, се предусловите за постигнување договор.
На прес-конференција со странските дописници во Грција, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, Мицотакис ги повтори неговите позиции и упати остри критики до грчката Влада дека нема единствена и заедничка позиција поради ставот на Панос Каменос.
– Јавно ја имам поставено рамката за еден можен договор. Се однесува на уставна ревизија како неопходен предуслов за да постои каков било договор, справување со прашањата со иредентизмот и националниот идентитет, како неопходен услов за да постои договор и да започне интегративниот процес на Скопје во евро-атлантските институции. Ова е мојата позиција што е многу јасна, рече Мицотакис.
Димитров и Коѕијас за вчерашните разговори ќе ги информираат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Најавија дека процесот продолжува и оти ќе имаат можност повторно да се сретнат на 3 и 4 мај во Солун, а потоа и на 11 и 12 мај. Во меѓувреме остануваат во контакт, и како што посочија, штом има нешто конкретно ќе ја информираат јавноста.