Поради состојбата со вирусот КОВИД 19, Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, донесе Уредба за изменување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година. Со оваа Уредба, се направи измена во поднесувањето на барањата за субвенции за подмерката за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко.
Конкретно со измената, поднесувањето на барањата за субвенции нема да го вршат сточарите кои ја користат мерката, туку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, податоците ќе ги презема директно од регистрираните откупувачи на сурово млеко. Овие измени во делот на поднесувањето на барањата се направени поради состојбата со КОВИД 19, како дел од превентивните мерки, земјоделците да не одат до подрачните единици на МЗШВ и да не се изложуваат на ризик.