Директорката на американскиот Завод за јавно здравство во сојузната држава Илиноис, Нгоки Езике изјави дека е регистриран значителен пораст на труење со дезинфекциски средства во последните два дена.
Таа додаде дека тоа се совпаѓа со советот на американскиот претседател Доналд Трамп за вбризгување на дезинфициенти со цел да се спречи ковид-19. Потоа Трамп истакна дека не делел совети туку бил саркастичен.
Езике посочи дека примиле пациенти кои со детергенти се обидувале да ги измијат синусите, додека едно лице правело гаргара со мешавина од избелувач и вода за уста, за да го уништи новиот коронавирус.
– Вбризгување и шмркање средства за чистење е опасно. Не го советуваме тоа, тоа може да биде смртноносно, посочи д-р Езике.
Трамп изјави дека инјектирање средство за дезинфекција, како што е изопропил алкохол во телото може да го убие новиот коронавирус, а исто така предложи и зрачење на телото на пациентот со УВ зраци. Уште на самата прес-конференција лекарот ги оспори советите на Трамп.