Со заедничка инвестиција од 11 милиони денари на Министерството за транспорт и врски и Општина Кочани се градат пет нови кружни тека со кои ќе се подобри безбедноста во сообраќајот во Кочани, истакна министерот Благој Бочварски при денешната работна посета на општина Кочани.
Тој додаде дека ќе се реконструираат и три локални улици во Кочани. За едната веќе е склучен договорот и градежните работи почнуваат следната недела, а за другите распишен е јавен повик за реконструкција.
„Имаме еден убав проект, кој го видовме, а тоа е регулацијата на цел еден булевар со пет кружни тека, каде што централната Влада ѝ даде поддршка на Општина Кочани, а остатокот од средствата ги обезбеди Општината и ова е пример како се работи за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Знам дека во Кочани вака никогаш не се градело, знам дека ова е навистина убав период за градот, каде што се гледа дека сите проекти што со години тлееле, стоеле нереализирани, денеска се во фаза на реализација. Во продолжение на овие кружни текови од следната недела почнува и реконструкцијата на булеварот“, изјави Бочварски.
Тој додаде дека со поддршката од централната власт се решава станбеното прашање во ромската населба и дека набргу се почнува со изградба на нова социјална зграда со 35 станбени единици.
„Ова е многу значаен проект за општина Кочани, со кој обезбедуваме брз проток на сообраќајот во овој дел на градот. Завршивме два од вкупно пет планирани кружни тека, така што во следната фаза преку централната Влада ќе го реконструираме десниот крак од булеварот сѐ до полициската станица. Исто така, преку Министерството за транспорт и врски добивме поддршка за реконструкција на уште две улици, кои се во многу лоша состојба, и верувам дека со проектите што ги работиме преку Општината ќе придонесеме за подобрување на условите за живеење во Кочани“, изјави Николчо Илијев, градоначалник на општина Кочани.
На новинарско прашање за гасификација на источниот дел на земјата, министерот Бочварски истакна дека преку постапка за јавно приватно партнерство, која се води во Министерството за економија, со изборот на фирма, приватниот партнер ќе ја гради мрежата во општините. Во меѓувреме, истакна министерот, до крајот на годината ќе се заврши со изградба на магистралните гасоводи од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар, како и распишување на повикот за изградба на конекторот со Грција.