ВМРО-ДПМНЕ 11 години газеше врз работниците и стечајците, со СДСМ се враќа достоинството, СДСМ се бори за ред, дисциплина и правда, изјави Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител во ИЕ 3.

Тој денеска беше во посета на Кратово. Кажа дека се санира мостот над Кратовска река, кој се наоѓа на самиот влез на градот, а се реконструира и пристапниот пат до Центарот за брза помош во Кратово. Николовски најави дека ќе се санира и свлечиштето на регионалниот пат Кратово – Пробиштип.

„Во изминатите две и пол години покажавме што значи вистинска грижа за сите граѓани. И инфраструктурно и за подобрување на економскиот стандард. Го цениме трудот, нема веќе работа за срамни 9.000 денари минимална плата. Ја зголемивме на 14.500 денари, а ќе оди до 20.000 денари во следниот мандат. 12.000 стечајци добиваат по 8.000 денари до нивно пензионирање. Тоа е почит. Тоа е разлика. Пари за граѓаните има и секогаш имало, само треба да се работи домаќински“, кажа Николовски.

Состојбата е тешка, додаде тој, се бориме против последиците од коронавирусот.

„Сите погодени од корона кризата добиваат институционална и солидарна помош. Еве само во Кратово, 521 лице ја искористи мерката субвенции за плати од 14.500 денари и 50 проценти придонеси, а 1856 лица добиле платежни картички. Во целиот Исток 24.431 лице добиле вакви субвенции, а 54.174 лица добиле платежни картички“, рече Николовски.

Има разлика, рече тој. „Од општество во кое ВМРО-ДПМНЕ 11 години газеше врз достоинството на луѓето, особено кон сиромашните и стечајците, денес станавме општество во кое се помага на сиромашните и ранливите, држава која се стреми сите да имаат и да уживаат еднакви права. Сега одиме понатаму. Нема веќе одложување. Правосудството мора да се прочисти од корумпираните судии и обвинители. Време е за ред и дисциплина во сите институции“, кажа Николовски.

Функционерите и институциите, додаде тој, мора да се отчетни, транспарентни и чесни.

„Законски ќе бидат обврзани да ги објавуваат сите службени трошоци во извршната, локалната и судската власт, а за оние кои нечесно ќе работат, ќе следат санкции. Администрацијата ќе биде департизирана, намалена за 20 проценти и целосно во функција на граѓаните. Нема веќе патни трошоци за пратениците во Собранието. Тоа водеше само кон страшна злоупотреба. Тоа е разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ние се грижиме за граѓаните, тие се грижат само за себе. Затоа на 15 јули граѓаните без двоумење ќе се определат за СДСМ и Коалицијата „Можеме“. За нов мандат, за целосно враќање на редот и правдата“, рече Николовски.