Општина Центар остро реагира на соопштението на ЈП „Комунална хигиена” – Скопје преку кое се изнесуваат неточни информации и се манипулира јавноста за да се затскријат со своето неажурно работење и нечистење на улиците во Центар.
Позитивно е тоа што ЈП „Комунална хигиена” и Град Скопје конечно се разбудија и почнуваат да чистат на одредени улици во Центар кадешто се надлежни, но пред да испратат демант во кој се обидуваат да спинуваат и да ја извртат вистината, неопходно е убаво да ги прочитаат сите информации што се однесуваат на акцијата за чистење во Центар.
Во ниту една изјава, градоначалникот Горан Герасимовски нема истакнато дека одржувањето на хигиената околу пазарот Буњаковец е под надлежност на Град Скопје.
Во соопштението испорачано во медиумите пред два дена се вели следното: „Денеска, ги исчистивме јавните површини околу пазарчето Буњаковец. Тука, гравитираат голем број граѓани кога пазаруваат, неопходно е овој дел да биде чист и уреден. Утринава, нашите хигиеничари го отстранија и сметот од улиците кадешто надлежност има Град Скопје. Повторно, се соочивме со истата грда слика од минатиот викенд, сакам да прашам кога Град Скопје ќе се фати за работа? Навистина, ова веќе не е дозволиво. Минатата недела исчистивме повеќе населби во општината, со акцијата продолжуваме и следните денови. Центар не чека, Центар чисти”.
Доколку убаво се прочита и анализира текстот, ќе се увиди дека Герасимовски информира дека се исчистени јавните површини околу пазарчето Буњаковец, а потоа истакнува и дека тоа утро, хигиеничарите го отстраниле и сметот од улиците кадешто надлежност има Град Скопје.
Во демантот ЈП „Комунална хигиена” вели и дека комуналниот отпад секојдневно се собира и транспортира без никаков застој. Доколку секојдневно се собирал и транспортирал како што велат, зошто сметот во Маџир маало не беше отстранет 2 недели? Жителите во тоа населено место апелираа да се исчисти што побрзо велејќи дека две недели не е исчистено од Комунална хигиена. Исто така, и жителите од Дебар маало, Крњево и Капиштец имаа поплаки за несобирањето на сметот.
Општина Центар работи за сите граѓани да имаат чиста и уредна општина и ќе реагира соодветно на секоја институција или поединец доколку не се работи поажурно. Единствените коишто сакаат да мешаат политика, за да го затскријат своето неажурно работење во овој случај се Комунална хигиена. Градоначалникот Горан Герасимовски одработува само за граѓаните, да се движат во чиста и средена општина и да не се соочуваат секое утро со несобран смет од улиците кадешто надлежност има Град Скопје.
Наместо да се испраќаат празни деманти, неопходно е ЈП „Комунална хигиена” да се фати за работа, за да не ја имаме истата слика од ова утро кадешто подземните контејнери се преполни со смет, на територија под надлежност на Град Скопје.