Да си најдиш жена до себе

Со која сонцето секое утро ќе ти свети

И на лето и на зима

Жена која со насмев ќе те буди

И која сама за себе причина за среќа ќе ти биди

Да си најдиш жена до себе

Која од куќата ќе знај дом да ти стори

Која ќе те чува ко дете и маж

Љубовник и пријател

Која сенката ќе ти ја сака

И во твојата својата ќе ја стопи

Да си најдиш жена до себе

Која здивот ќе ти го љуби оти живот ќе и’ дава

А ќе се храни со бакнежот твој

Која од очите ќе ти чита и усните неми ко ќе ти се

И која од душата ќе извези постела за двајца

Жена која не ќе се трга од тебе ко ќе ја гушниш

И која болењето на глата со водење љубов ќе го лечи

Да си најдиш жена до себе

Која после љубовна ноќ не ќе трча да те измие од себе

Туку до тебе ќе лежи замачкана од сокови

Од твоето семе и пот

И која на градите ќе ти заспие слушајќи те како дишиш

Да си најдиш пиле жена која и кога се расправа со тебе

Во гласот љубовта ќе и’ ја сетиш

И која и кога ќе вика на крај ќе те праша дал си гладен

Чија суета ќе биди помала од вашата љубов

А љубовта секогаш поголема од сите раздори

Жена до себе да имаш која ќе преди ко мачка

И милост во очите за тебе ќе има

И која ќе знај кога да ти преќути

А кога до последно да вреска

Да си најдиш жена која гордо до тебе ќе чекори

Еден до друг

И чекорот ист ќе ви биди

Ниту пред тебе да трча

Ниту пак зад тебе да се влечка

Која жедно со очи ќе ја пиеш

Која втора полојна ќе ти биди

А без неа никогаш цел не ќе си

Совршена жена

Таква да си најдиш

И не да е најубата

Ниту најпаметната да биди

Туку совршена за тебе

Која ќе знај како да те љуби

Оти љубовта таква гола за ништо не ја бива…

 

Ана Бунтеска