Бриселскиот првостепен суд изрече тригодишна условна казна затвор и 500 евра отштета за вработен во европските институции поради антисемитски напад врз негова колешка со еврејско потекло.
Идентитетот на осудениот е заштитен.
Во јули 2015 година функционерот се обидел да ја задави жената и ја нарекол “валкана Еврејка“. На денот на нападот, таа седела на тераса во кафуле, кога се појавил осудениот со плакат на кој пишувало „Мусолини“, тој почнал да ја навредува, а потоа ја удрил и се обидел да ја задави. Жената и сведок пријавиле во полиција, напаѓачот пак тврдел дека не се сеќава и признал дека е под влијание на алкохол.
Судот оцени дека фактот што е вработен во европските институции е отежителна околност. Освен условната затворска казна и паричната, осудениот е должен да посетува терапија против зависноста од алкохол, но и да волонтира во невладина организација за борба против антисемизмот.