Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – специјализирано одделение за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава против Н. А. од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по член 353 став 3 од Кривичниот законик.

Пријавениот, како поранешен началник на Одделот за воздухопловни единици, со искористување на својата службена положба и овластувањето нецелосно ја прикажал фактичката состојба за поседување соодветна важечка дозвола за воздухопловен техничар со уредно впишано важечко овластување за конкретен тип на летало, со што им овозможил на три лица вработени во МВР на работното место главни воздухопловни техничари да стекнат право на додаток на плата од 20 % од денот на нивното засновање работен однос во МВР.

Пријавениот, иако знаел дека воздухопловните техничари поседуваат важечка дозвола за одржување летало, издадена од цивилните власти, но немале успешно завршена обука за конкретен тип на летало според соодветна програма и немале впишано важечко овластување за конкретен тип на летало, овозможил да им биде исплатуван додаток на плата од 20 % од моментот на засновање на работниот однос во МВР спротивно на одредбите од колективниот договор на МВР.

На тој начин тие стекнале противправна имотна корист од 926.486 денари и за овој износ бил оштетен буџетот на МВР. Одделот за внатрешна контрола против Н. А. ќе поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за кршење на работниот ред и дисциплината и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапката.