„Македоника литера“ го објави романот „Имот“ на италијанскиот писател Федериго Тоци (1883 – 1920), во превод од италијански на македонски јазик на Анета Симовска.
Со овој роман со кој Тоци влезе во историјата на италијанската литература, а критиката го споредуваше со Кафка и со Достоевски и се смета за значајно дело на италијанската литература од првите децении на 20 век. Во „Имот“ тој го опишува светот на немирот, неспокојот и стравот одредени од контактот со реалноста којашто е заканувачка, мрачна, агресивна. Тоа е свет составен од трауми, отворени рани, длабоки повреди на личноста, каде што несовесните личности се подложни на влијанија и се однесуваат нелогично и со несвесни импулси. Тоци раскажува интригантна и смела приказна.
Федериго Тоци (Сиена 1883 – Рим 1920), долго време неразбран и неприфатен, повторно е вреднуван многу години по смртта и веќе е сметан за еден од најважните италијански раскажувачи на дваесеттиот век и е предмет на сѐ поголемо критичко внимание. Меѓу неговите раскажувачки дела позначајни се: „Со затворени очи“ (1919), „Млади и други новели“ (1920), „Три крста“ (1920), „Сеќавања на еден службеник“ (1920).
Федериго Тоци на 12-годишна возраст ја изгубил својата мајка. Додека учел немал секогаш примерно однесување што резултирало со негово протерување од архиепископскиот колеџ во Прованѕано и од Факултетот за ликовни уметности. Тој не ги завршил студиите и се посветил на читање во библиотеката, создавање на своја самоука култура и дистанцирање од татко му со кого имал многу конфликтни односи. Една година по смртта на неговиот татко бил принуден да се врати во Сиена, каде што поседувал мали наследени имоти. Во 1914 година бил принуден да ја продаде последната фарма и се преселил во Рим. Во 1919 година се приклучил во редакцијата на „Месаџеро дела Доменика“, каде се сретнал со Орио Вергани, Луиџи Пирандело и Џузепе Антонио Боргезе, кои станале големи обожаватели на делото на Тоци.
Национална слава достигнува во 1920 година, кога Боргезе го дефинира „Три крста“ како ремек-дело на реализмот. „Три крста“ излегло во февруари 1920, а Федериго Тоци починал на 21 март од пневмонија. Романите „Имот“ и „Егоисти“ излегуваат постхумно. Во историјата на италијанската литература влегува во шеесеттите години, кога критичарите ја ревидирале процената за неговото дело, проширувајќи го неговиот опсег од реализам до симболика, а неговото име го споредиле со Кафка и Достоевски.
Во романот „Имот“, Федериго Тоци се обидува да се наврати, иако без да ги негира неговите претходни иновации, на потрадиционалните стил и форма. Делото на Федериго Тоци го открива вкусот на најдобрата италијанска фантастика. „Имот“ завршува телеграфски, но страниците што го подготвуваат крајот на делото ѝ припаѓаат на големата литература.