Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, и спортскиот директор на националните селекции, Горан Пандев, одржаа состанок во „Куќа на фудбалот“ со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски.
На состанокот се водеше отворена и конструктивна дискусија за сите актуелни настани и важни теми поврзани со најдобрата македонска репрезентација, како и за идните аспекти на соработката меѓу Горан Пандев како спортски директор и селекторот на А тимот.
„Имавме искрен и отворен разговор. Претседателот ја потврди поддршката за работата на А репрезентацијата. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас, бидејќи тоа е национален интерес што мора да биде во прв план. Сите ние треба да се ставиме во функција на Македонија. Се надевам на успешна соработка во интерес на тимот и на сите што ја поддржуваат македонската репрезентација“, изјави селекторот Благоја Милевски.
„Драго ми е што отворено разговаравме за тоа како можеме да бидеме подобри во иднина и што заедно ќе се стремиме кон нови победи“, изјави Горан Пандев.
„Заедно со претседателот Омерагиќ ни беше важно да водиме искрен разговор со селекторот за сите теми. Благодарен сум што селекторот го разбира нашиот став, а тоа е дека како мала држава мораме да ги искористиме сите расположливи ресурси. Фудбалерите со квалитет треба да помогнат во репрезентацијата, доколку тоа го заслужуваат. Верувам дека ги разрешивме сите отворени прашања и со нетрпение ги очекуваме новите предизвици“, додаде Пандев.