Над илјада задоволни корисници, 24 часа во денот, седум дена во неделата, 365 дена годишно – ова е единствената информација која може да се најде на веб страната на агенцијата за обезбедување „Омерта“. Агенцијата која го носи името на кодот за молк на италијанската мафија двесетина дена од годишнината на новата влада и самата ќе прослави една година, исполнета со контроверзии, позната не по добри работи.
Нејзиното име јавноста прв пат го слушна еден ден по убиството на фудбалерот Мартин Јанушев во скопски Аеродром. Тогаш агенцијата се поврза со името на извесен Раде, кој пак се поврза со момчето кое е осомничено за убиството на Јанушев и со „Омерта“. Неговото име го нема во официјалните документи од Централниот регистар, но затоа дел од медиумите го поврзаа со управителката, за која велеа дека е блиска со него.
Но, скандалите со „Омерта“ не престанаа. Агенцијата се поврза со убиството на Јанушев и преку Филип Секуловски – лицето кое се најде на листата „Потраги“ заедно со куп осомничени, а по кого е распишана меѓународна потерница.
Секуловски, кој излезе на слободен викенд од истражниот затвор Шутка е единствениот осомничен за убиството на фудбалерот Јанушев. Нема нарачател, рекоа тогаш од МВР, посочувајќи го избеганиот затвореник како единствен сторител на делото.
Она што полицијата ја донесе повторно до „Омерта“ е фактот дека иако бил на одлежување на затворска казна, Филип Секуловски бил ангажиран од агенцијата за обезбедување, по што беше известено и дека „Омерта“ нема дозвола за работа од Министерството за внатрешни работи, информации кои во телевизиско интервју ги потврди и самиот министер Оливер Спасовски.
Оваа дозвола, како што дознава Фокус, „Омерта“ ја нема ниту денеска, еден месец пред да наврши една година од постоењето. Сепак, агенцијата продолжува да работи во полн ек – го обезбедуваше фудбалскиот спектакл помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед во Скопје, обезбедува неколку кафулиња и ресторани, а го обезбедува и студентскиот дом Гоце Делчев.
Прочитајте повеќе на ФОКУС