Пожарите кои веќе три дена беснеат во округот Лос Анџелес стигнаа до Холивуд Хилс, откако досега загинаа најмалку петмина луѓе, беа уништени стотици домови, а капацитетите на пожарникарите и залихите на вода се растегнаа до крајните граници. Повеќе од 100.000 луѓе добија наредба за евакуација, додека суви ветрови со силина на ураган ги отежнуваат напорите на пожарникарите и брзо ги шират огновите.

„Оваа огнена бура е навистина голема“, изјави градоначалничката на Лос Анџелес Карен Бас, која ја прекина посетата на Гана и се врати дома.

Нов пожар избувна во Холивуд Хилс, што доведе до нови евакуации, а бројот на активни пожари во округот Лос Анџелес го зголеми на шест. Четири од нив имаат 0% скротеност, според официјални лица, вклучувајќи ги оние на источното и западното крило на градот, кои продолжија да растат ноќеска.

Пожарникарскиот оддел на Лос Анџелес издаде наредба за евакуација за неколку легендарни улици за забавната индустрија, како булеварот Холивуд, Малхоланд драјв и булеварот Лорел кањон. Во рамките на оваа област се наоѓа и театарот „Долби“, каде што се одржува церемонијата на доделување Оскари.

Иако релативно мал, пожарот Сансет гори веднаш над булеварот Холивуд и тамошната Патека на славните и би требало да помине преку автопат за да ги загрози познатиот знак Холивуд и опсерваторијата „Грифит“.

Најголемиот пожар е во областа Палисадс на западната страна на Лос Анџелес и досега зафати над 6.400 хектари и уништи стотици структури на ридовите меѓу Малибу и Санта Моника, спуштајќи се до Тихиот Океан.

Властите на Лос Анџелес велат дека пожарникарите се борат против речиси совршена бура, потпомогната од силни ветрови, ниска влажност и недоволни залихи на вода.

„Општинските водоводни системи работат ефективно, но тие се дизајнирани за урбана средина, не за гаснење шумски пожари“, кажаа властите.