Голем дел од огласите за работа во Македонија се дискриминаторски по повеќе основи, меѓудругото најчесто по пол и возраст. Но се случува во нив да има и барања тој што сака да се пријави да достави и своја фотографија.

Најчесто дискриминаторски се огласите на приватните компании кои огласуваат слободни работни места за кои бараат лица од машки или женски пол, на одредена возраст… Ваквите состојби во последниот извештај ги констатирал и Хелсиншкиот комитет од каде истакнуваат дека дискриминаторските огласи продолжуваат да се објавуваат и покрај тоа што и во минатото реагирале за голем број вакви случаи, пишува МИА.

Решение за проблемот е пријавување на сите случаи, за да може надлежните институции да реагираат, но и едукација на работодавачите дека на ваков начин го кршат Законот за заштита од дискриминација. Новиот закон во оваа сфера, што е во подготовка, се очекува да ги допрецизира постапките на Комисијата, но и да ги зајакне нејзините стручни служби кои тие постапки треба да ги водат.

– Голем дел од огласите бараат женски или машки лица за одредено работно место или бараат лицата да бидат на одредена возраст, или пак поставуваат услови и по однос на пол и по однос на возраст, со што прават дискриминација, се посочува во Извештајот од Комитетот.

Според МИА оттаму подготвуваат претставки за секој од огласите што ги забележале, а кај кои се јавува услов за пол, возраст или било кој друг услов што е ограничувачки, бидејќи, како што посочуваат, со поставување услови за пол, род, возраст или некој друг услов, се врши дискриминација и ограничување на пристапот до вработување. Дел од работодавците, сметаат од Хелсиншки, свесно го прават ова, а дел од нив не знаат дека со таквите услови го ограничуваат пристапот до вработување за одредена група.

Хелсиншкиот комитет смета дека е неизбежно да се преземат други дополнителни мерки кои ќе го намалат бројот на дискриминирачки огласи.

– Нашата препорака оди во насока на едукација на работодавците и на посредниците за вработување во делот на дозволени услови за вработување кои не го ограничуваат пристапот до вработување по било кој основ, истакнуваат од Комитетот.

Минатата година имало и случај за кој Комисијата за заштита од дискриминација донела мислење со кое утврдила директна повеќекратна дискриминација, односно дискриминација врз повеќе од еден основ, по претставка поднесена од Хелсиншкиот комитет.

– Се работеше за оглас за вработување во кој се бараше “женска особа на возраст од 30 до 45 години за работа во кујна – сервирање појадок (шведска маса)”. Комисијата постапувајќи по претставката во конкретниот случај утврди директна повеќекратна дискриминација, бидејќи со ваквиот оглас се оневозможува пристап до работното место за мажите, со што е направена директна дискриминација врз основа на пол, но во исто време се оневозможува пристап до работното место за жените кои се помлади од 30 години и постари од 45 години, со што е направена директна дискриминација врз основа на возраст, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму додаваат дека и покрај ваквите мислења на Комисијата за заштита од дискриминација, огласите со дискриминаторски услови за вработување се уште се појавуваат на веб-страните за вработување.

Во препораките и заклучоците, што ќе бидат доставени до Владата, се предлага воспоставување систем за контрола, мониторинг и евалуација во областа на работата и работните односи во процесот на барање работа, објавувањето на огласи за вработување со недискриминациски елементи, обука на новинарите, промовирање на Кодекс на однесување на работодавците, обука и стратегија за професионално работење, и да се промовира начинот на правилно објавување на огласи за вработување и критериумите за вработување.

Претедателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Александар Даштевски, вели дека доколку во огласите се прави ограничување по кој било основ веднаш постапуваат без да бараат одговор од компанијата или јавното претпријатие, бидејќи, вели самиот оглас веќе дискриминира по одредена основа како што е на пример пол, раса, боја на кожа, етничка припадност, јазик, државјанство, религија, политичка припадност, ментална и телесна попреченост, здравствена состојба, возраст…

– Тука препорачуваме да веднаш се повлече тој оглас и доколку има погодени со огласот може да покренат судска постапка бидејќи ние даваме мислење. На тој што дал таков оглас му препорачуваме веднаш да го повлече, да не постапува по него, да не извести во рок од 30 дена дека тоа го направил. Доколку не не извести или не го прекине таквото огласување, ние имаме право да покренеме прекршочна постапка. После 30 дена ние за да не постапиме погрешно, повторно му праќаме писмо, го потсетуваме дека поминале 30 дена. Доколку повторно не не извести, ние покренуваме прекршочна постапка до Судот за прекршоци и понатаму тој ја води постапката. Казната е од 600 до 1.000 евра во денарска противвредност, вели Даштевски.

Потенцира дека тука завршува нивната надлежност, која значи давање мислење за запирање на дискриминацијата, поведување прекршочна постапка, а се прави, вели и генерална превенција.

– Самото тоа мислење кое го даваме се однесува за сите компании да не прават такви ограничувања, кои најчесто се по пол, возраст Некој во оглас ќе напише бараме за вработување женска особа не постара од 22 години. Тоа е полова дискриминација – значи, зошто баш женска, зошто до 22 години и дали тоа ќе значи полова дискриминација или родова дискриминација, бидејќи зошто па не машка особа ако работите може да ги извршува и машката особа. Спорно е и барањето за одредена возрасна граница, потенцира Даштевски.

Вели дека по укажувањето на Комисијата многу од огласувачите постапиле и ги повлекле огласите.

– Сега имаме вкупно шест предмети бидејќи ги собрала некоја невладина организација која ги препраќа до Комисија. Ние немаме доволно персонал во моментов да ги гледаме сите огласите, и затоа е добро што одредени граѓански организации се занимаваат со тоа. Сега постапуваме по шест случаи, претходно имавме уште толку по кои сме постапиле, по што или ги повлекуваат огласите или си тече постапката како што кажав, истакнува Даштевски.

Додава и дека граѓаните треба да се охрабрат и ваквите случаи да ги пријавуваат, бидејќи вели, тие во секој случај ќе бидат позитивно завршени за нив.

Министерството за труд и социјална политика апелира граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на дискриминација, вклучително и дискриминацијата во огласите за вработување, за полесно откривање и санкционирање.

Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, заштитата од дискриминација е предвидена на два начина или со претставка до Комисијата за заштита од дискриминација или со поведување на судска постапка, односно поднесување на тужба пред надлежен суд. Дополнително согласно Законот за Народен правобранител заштита од дискриминација може да се бара и со претставка до оваа институција. Во Законот за спречување и заштита од дискриминација е предвидено дека во вршењето на работите од својата надлежност Комисијата соработува со Народниот правобранител за конкретни случаи на дискриминација, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Посочуваат дека Законот се однесува на сите физички и правни лица и сите треба да го применуваат во своето тековно работење и делување, но во случај на повреда на правата покрај Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и Судот не се предвидени и други институции за заштита на правата.

Подобро справување со проблемот, сметаат од Министерството, може да овозможи новиот закон за заштита од дискриминација кој е во фаза на подготовка.

-Комисијата за заштита од дискриминација може да води постапки и по службена должност без доставена пријава од лицето кое е засегнато. Оваа надлежност на Комисијата во новиот текст на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој е во фаза на подгототовка е многу подетално и појасно дефинирана во однос на ex officio постапувањата на комисијата и со тоа и други измени кои се предвидуваат се очекува да има многу поефикасна заштита од дискриминација, истакнуваат од МТСП.