Второто издание на манифестацијата „Today it’s all about jazz“ („Денес сѐ е џез“) ќе се одржи вечер во Македонската филхармонија во организација на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.

Од Македонската филхармонија информираат дека манифестацијата почнува во 18 часот, а до доцните вечерни часови, љубителите на музиката ќе имаат можност да уживаат во звуците на фантастични светски и домашни уметници.

Главна ѕвезда на вечерта ќе биде еден од највлијателните џез-музичари во светот, американскиот саксофонист Дон Менза. Овој врвен уметник, кој е и композитор и аранжер, роден во 1936 година, создаде дела кои оставија силен печат на светската музичка мапа.

Како диригент, пак, ќе се претстави маестро Зиги Фајл од Австрија, кој настапи и на првото издание на Меѓународниот ден на џезот во Скопје. Светски реномираниот диригент и професор на Џез-универзитетот во Грац, се смета за едно од најистакнатите имиња кога станува збор за диригирање со биг-бенд состави.

Покрај Дон Менза и Зиги Фајгл, вечер во Македонската филхармонија ќе настапат и два други инспиративни музички состави кои негуваат различен тип на џез-музика: Гоце Стевковски Секстет и Михаил Иосифов Квинтет од Бугарија. Бендот на познатиот тапанар и композитор Гоце Стевковски, ќе ги претстави најновите звучни остварувања.

Инаку, пред стартот на официјалната музичка програма, настап ќе имаат студентите од Џез-катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, џез-ансамблите кои функционираат во рамки на катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и џез-хорот „Артизан“.

Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.