Одреден е 30-дневен притвор за порнешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, потврдија од СЈО. Во моментов Мијалков е спроведуван во истражниот затвор во Шуто Оризари.

Мијлков со лисици на рацете беше приведен и изнесен од хотелот Мериот.

Од Судот велат дека Мијалков е притворен по барање на СЈО поради опасност од бегство, а судија на претходна постапка попладнево му одредил мерка притвор од 30 дена. Повеќе детали од Судот најавуваат за утре.

Од СЈО исто така потврдуваат дека Мијалков е приведен за предметот „Таргет-Тврдина.“

Освен за предметот „Таргет-Тврдина“, поранешниот шеф на УБК е обвинет и во неколку случаи на СЈО, како „Трезор“, „Тортура“ и „Титаник 2.“

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет.

Во предметот обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.