Властите во Италија прогласија целосна изолација на земјата бидејќи оваа држава се претвори во жариште на коронавирусот во Европа.

Италија е најтешко погодена нација во Европа со 463 смртни случаи поврзани со вирусот и повеќе од 9.000 потврдени инфекции, пренесе „Скај њуз“.

Со оваа одлука речиси 60 милиони луѓе сега ќе бидат ставени во карантин со строги мерки што веќе се воведени во северните и централните области на земјата во текот на викендот.

Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, апелира луѓето да не ги напуштаат своите домови. Според зборовите на премиерот, луѓето треба да избегнуваат движење надвор, освен кога одат на работа и во итни ситуации.

Училиштата и факултетите во земјата ќе бидат затворени до 3 април.

Според последните информации, јавниот транспорт сепак ќе остане во функција.

Според официјалните податоци, во последните 24 часа од коронавирусот во Италија починале 97 лица.