Емил Јакимовски доби затвор од 20 месеци и задолжително лекување во Бардовци

238

Заканувачот Емил Јакимовски е осуден на 20 месеци (1 година и 8 месеци), но претходно ќе треба да биде на задолжително лекување во психијатриската болница во Бардовци поради утврдено психичко растројство.

Пресудата беше изречена денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, таа е првостепена и странките имаат право на жалба.

Со обвинението, кое беше поднесено на 24 јануари годинава, Јакимовски се товареше за продолжено кривично дело загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство и за едно кривично дело загрозување на сигурноста по пат на информатички систем.

Јакимовски на јавноста ѝ стана познат откако беа објавени неговите закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, а потоа за закани од него зборуваше и директорката на Централниот регистар, Марија Јанковска-Бошковски, каде што тој беше вработен.

Првото дело за кое се зборува во обвинението, според обвинителството, Јакимовски го сторил со умисла преку повеќе временски поврзани дејствија. Тој вршел семејно насилство врз поранешната сопруга и ја загрозил сигурноста со сериозна закана врз нејзиниот живот и врз животот на нејзиниот татко. Второто дело, пак, Јакимовски го сторил на 10 јануари, кога преку преку пораки и мобилни апликации ѝ се заканувал на оштетената дека ќе изврши кривично дело убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години.

Исто така, обвинителството ги истражуваше и наводните закани на Јакимовски кон друга оштетена, но притоа се утврди дека во нив не постојат елементи на кривично дело, туку дека станува збор за клевети и навреди за кои оштетената може да поведе граѓанска постапка.