Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека пандемијата на коронавирусот, донекаде ги модифицирала, но никако не ја спречила Алијансата да ги спроведе своите акции.

„Можноста на НАТО да ги спроведе операциите не е нарушена. Нашите сили остануваат подготвени и нашата работа продолжува вклучувајќи ги и мисиите од Авганистан до Косово“ вели Столтенберг.

Тој преку видео-конференција од седиштето на НАТО во Брисел изрази поддршка до сите припадници на војската кои им помагаат на членките на НАТО во целта за сузбивање на коронавирусот.

„Ова се предизвици за сите нас како личности, заедници и нации. Ова е време кога нашата отпорност е тестирана до крајни граници“ оцени тој.

Првиот човек на Алијансата додаде дека пандемијата на ковид-19 е криза без преседан.

„Надминавме и други кризи, ќе ја надминеме заедно и оваа“ порача Столтенберг.

Тој напомена дека НАТО применува робусни мерки поради намалување на ширењето на вирусот на војниците и на цивилите како и дека ги продолжува своите основни задачи со цел одбрана на сојузниците.