Откако од страна на првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски, Љупчо Палевски беше побарано изземање на обвинителката Жаклина Крстевска и целото обвинителство за незаконска истрага, Крстевска оцени дека Палевски го искористил моментот и ги изнел сите свои наводи.

Според обвинителката, сите наводи на Палевски се неосновани а обвинителството има преземено доволно дејствија.

„Доказите се приложени и очигледно е дека со презентирањето на видео записите се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена со дејствијата на Палевски кој цело време негира дека учествувал во предметните настани“, изјави Крстевска.

Како што напомена ниту еден бранител на останатите обвинети за убиствата не разговарал со обвинителството, надвор од службените дејствија.

Чудно е многу, додаде Крстевска, како обвинетиот Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Видевски, Кешишев, Манев и Ѓорчевски.

„Тие не се доставени на увид на одбраната и многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста“, посочи обвинителката.

Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, на почетокот на денешното рочиште, побара изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага.

Судењето е одложено за 3 февруари, со образложение дека мора да се остави простор Републичкиот јавен обвинител да се произнесе по барањето за изземање.