![screenshot_20250127-210124_messenger](https://revolucioner.press/wp-content/uploads/2025/01/screenshot_20250127-210124_messenger.jpg)
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 не се согласи дека имало „помпа“ околу неговото патување во Соединетите Американски Држави (САД) за инаугурацијата на Доналд Трамп. Сепак, вели дека е факт дека македонски премиер досега не бил дел од инаугуративниот процес на американски претседател.
На забелешката дека наспроти тврдењата дека тој бил единствен политичар од регионот во Вашингтон (прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски), и поранешниот бугарски премиер Кирил Петков беше во салата во која беше и Мицкоски, Мицкоски рече дека се работи за различно ниво.
„Различно е нивото и различно е присуството што вие го кажувате. Претпоставувам пратеникот Петрушевски мисли на политичар што е актуелен во рамки на владите или, пак, претседател на држава. Претпоставувам на тоа се мисли“, рече Мицкоски.
На прашањето зошто тогаш како единствен премиер од регионот не бил во Ротондата во Капитол Хил, каде што Трамп ја даде заклетвата, премиерот побара да одговори без да биде прекинуван за да може да објасни:
„Во право сте дека во минатото најчесто на инаугурацијата на претседателот на САД се канат дипломатските претставници на земјите во САД на ниво на први секретари, заменик-амбасадори и амбасадори. Немало пракса досега да бидат канети високи државни претставници, премиери или претседатели. Факт е дека инаугурацијата ја организира комитет составен од конгресмени, а со комитетот претседава конгресмен што ги упатува, односно кани високите гости. Во овој случај беше предвидена ВИП-зона пред местото каде што на секој почеток на мандат на американски претседател се дава заклетва и се следи целата таа церемонија. Според моите информации, таму требаше да има околу две илјади гости од САД. Меѓу нив, конгресмени, сенатори, соработници од администрацијата на претседателот Трамп, но и негови гости, лични, така беа квалификувани, меѓу кои требаше да бидеме и ние. Во хотелот во кој јас бев сместен, беше сместен и претседателот на една јужноамериканска држава, и тоа не е оној хотел кој поединци го кажаа во јавноста, многу поскромен хотел е, и далеку од таа цена дека сме плаќале ноќевања. Практично, ние слетуваме во саботата и во саботата се менува целокупниот план поради временските прилики. Бидејќи беше најавена во понеделникот температура од минус 13 степени, а вистинското чувство беше минус 20, се подели настанот, како што вие велите во Конгресот, Ротондата, и втор дел во салата на Вашингтон Визардс, каде имаше два дела – едниот каде што беа поддржувачите на Републиканската партија и претседателот Трамп и вториот дел беше оној, условно по нашки кажано, ложа. Таму е тој апартмански дел каде ВИП-гостите, односно гостите што требаше да бидат во оние две илјади луѓе што добија покана, бидејќи не сите две илјади добија покана, присуствуваа за време на инаугурацијата.“
Мицкоски рече дека во Ротондата, каде што се случи заклетвата, биле 530 луѓе, сенатори и конгресмени, луѓе што се најблиски соработници на претседателот Трамп, неговото семејство и влијателни личности во САД.
„Организаторот оценил дека можеби моето место не е во Ротондата и дека моето место е во апартманскиот дел заедно со претседателот на Републиканската партија на САД, во истото место заедно бевме со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, заедно со двајцата синови на претседателот на Републиканската партија. Тој, во хиерархијата, во моментот е втор човек по влијание, веднаш по претседателот Трамп. Тука беше уште еден господин кој е еден од најголемите донатори на Републиканската партија, инаку милијардер“,рече Мицкоски.
На прашањето зошто и Мицкоски не бил во Ротондата кога таму не биле само Американци, туку и италијанската премиерка, аргентинскиот претседател, кинескиот потпретседател, претседателот на Еквадор и министрите за надворешни работи на Австралија, Јапонија и на Индија, Мицкоски рече дека тоа била одлука на организаторот.
„Јас не можам да судам дали таа била правилна одлука или не. Но, факт е, исто така, дека доколку беше надвор инаугурацијата, пред Капитол Хил, како што требаше да биде, јас ќе бев во друштво на истите овие што вие ги споменавте“, рече премиерот.
Тој додаде дека за него е чест што процесот го следел со претседателот на Републиканската партија, кој го поканил на состанок при следната негова посета на САД.