Веќе четири дена тече големата еколошка акција во местото викано Рудина, во периферијата на село Чајле. Акцијата иницирана од страна на Месната заедница на село Чајле, наиде на широка поддршка меѓу жителите, бизнисмените и иселениците од село Чајле, како и од Општина Гостивар и локалните еколошки здруженија, информира општина Гостивар.

Камиони, трактори и соодветна механизација за чистење на теренот, од селаните и бизнисмените, ставени се на располагање за реализација на акцијата, најголема до сега во селото и веќе месноста Рудина почна да го добива посакуваниот изглед. Во поддршка на акцијата, на самото место денеска отиде и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. Во изјава за медиумите, тој информираше дека има најави за слични активности и во други населени места, а Општина Гостивар ќе ги поддржи и ќе иницира акции за чистење на диви депонии на секој викенд.

„Чајле и Чегране, а во иднина верувам и други села, прават извонредна работа со вакви еколошки акции. Им се заблагодарувам на сите граѓани кои на разни начини даваат придоенс за реализација на ваквите акции. Би сакал да нагласам дека Општина Гостивар, во буџетот има предвидено по две илјади евра за секоја месна аедница, за вакви и слични трошоци. Ние како Општина, заедно со двете јавни претпријатија ќе ги поддржиме сите еко-акции, и се надевам дека секој викенд ќе имаме по една акција“, истакна Таравари.

Претседателот на месната заедница на село Чајле, Синан Елези објаснува дека теренот кој што се чисти ќе се огради, ќе се постави табла за предупредување да не се фрла отпад, ќе се воведе дежурство и местото ќе засадат дрвца.

„Им благодарам на сите оние кои придонесуваат за остварување на оваа акција, жителите во општо, членовите на раководството на месната заедница, бизнисмените, иселеници и нормално Општина Гостивар и градоначалникот Таравари. Како што можете да видите, во првите три дена направивме многу работа и продолжува со исто темпо. Местото ќе го оградиме и ќе се погрижиме да го одржуваме, а ќе засадиме и дрвца за да имаме чист воздух и и да зачуваме нашето здравје и здравјето на нашите деца”, истакна Елези.