Македонскиот пејач на забавни мелодии – Ламбе Алабаковски добива смртни закани преку пораки на социјалните мрежи од профили на бугарски граѓани, но и од Македонци кои се декларираат како Бугари во земјава. Ова доаѓа откако пејачот го опожари клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Ваква изјава даде Алабаковски во судница како сведок на обвинителството во судскиот процес против Љупчо Георгиевски, поранешен претседател на згаснатиот бугарски клуб, кому му се суди за предизвикување омраза и дискриминација кон македонскиот народ и придобивките од НОБ, пренесе тв Телма.

„Најчесто добивам директни пораки со смртна закана кон мене и кон моето семејство. И ден денес ги добивам тие пораки“, рече Алабаковски.

Тој ги објасни и мотивите за опожарувањето на објектот.

„Не смее да има таков клуб со име на докажан фашист како што е Ванчо Михајлов“, додаде пејачот Алабаковски.

Следното рочиште е закажано за декември, кога треба да се сослушаат и други сведоци на обвинителството и одбраната.

Клубот „Ванчо Михајлов“ е избришан од Централен регистар со одлука на МП, затоа што ги повредува националните чувства на Македонците поради неговата соработка со фашистичкиот окупатор, а Обвинителство во мај годинава поднесе обвинение за претседателот на клубот – Љупчо Георгиевски.

 

Фото: Апла