Интервју со Сања Лукаревска , заменик Претседателка на СДСМработи и носител на пратеничка листа во Изборна единица 3 предводена од СДСМ и коалицијата.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Претседателската кампања е во полн ек, носителите на листи на терен, кои се вашите впечатоци и очекувања од овие избори?
Лукаревска: Заради истовременото одржување на претседателските и парламентарните избори двете кампањи се споија и целиот овој изборен амбиент ќе трае малку подолго.
Во претседателската кампања се вклучив како поддршка на нашиот претседател Стево Пендаровски.
Од почеток се залагам за позитивна кампања и спротивставување само на аргументи. Кампањата не смее да биде ринг за лична пресметка на политичките противници, затоа што презентираме концепти и решенија и граѓаните изборот треба да го направат врз основа на перспективата што ја нудиме. Многу е лесно денеска да се клевети и дисвалификува. И за жал тоа сеуште лепи.
Но, промените не се случуваат сами, наша е одговорноста да покажеме политичка коректност и зрелост, што ќе се преслика и на односите генерално, во општеството. Пред се да го подигнеме нивото на комуникација и да почнеме внимателно да се слушаме меѓу себе. Не чекаат сложени и одговорни процеси и храбри одлуки.
На овие избори СДСМ има јасна понуда за побрз развој на државата, за поголеми плати и пензии, подобар стандард и европска Македонија. Очекувам граѓаните да изберат стабилна, предвидлива, европска иднина.
Азманоски: Што е тоа што најмногу ви забележуваат луѓето со кои се среќавате на терен за изминатите години од кога сте на чело на централната власт?
Лукаревска: Граѓаните се искрени и отворени. Мило ми е што разговараме без задршка и страв, се надевам дека тоа е минато кое нема никогаш да се повтори.
СДСМ е демократска партија и затоа на овој план најбрзо се случија најголемите позитивни промени во државата, слобода на изразување, медиумска слобода, човекови права. Но, функционалноста на институциите, судството, корупцијата сеуште се болни точки кои ги идентификуваат и граѓаните.
Ние работевме макотрпно државата да оди напред, да превенираме многу состојби, многу нагризани состојби од порано, кризи и ако споредиме што е ветено а што е реализирано, направено е многу. Потребно е да се задржи континуитетот,  да продолжиме да работиме на развојот, на борбата против криминалот и корупцијата, на повисоки стандарди зашто цврсто остануваме на европската агенда и не сакаме државата да се врати назад.
Азманоски: Проектот  за поврат на ДДВ на физички лица помина одлично, има ли СДСМ во својата програма некоја новина со која ќе го израдувате населението?
Лукаревска: СДСМ во континуитет е свртен кон граѓаните, тие се најважни и преку многу мерки го покажавме тоа, особено кога беше најтешко, а поминавме низ три глобални кризи.
Продолжуваме со Мој ДДВ со континуирано зголемување на средствата  што ги враќаме на граѓаните.
Платите ќе продолжат да растат, се обврзавме на 1.100 евра просечна плата и 600 евра минимална плата.
Ќе растат и пензиите. Просечна пензија 30.000 денари и минимална 20.000 денари.
Нови квалитетни работни места, невработеност најмала во историјата од само 7% .
Предвидовме по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години.
Наместо 5.000, сега 6000 евра за неповратен грант за младите за мерката за самовработување.
Станови за млади брачни парови до 29 години во чија откупна цена, дел од сумата ќе биде субвенционирана од Владата.
 Зацртавме и изградба на нови социјални згради. Во периодот од 2017 до 2023 изградивме над 860 социјални станови.
Има и други мерки, нашата определба е секогаш парите да се враќаат кај граѓаните, тие се најважни.
Азманоски: Во случај на формирање на Влада останува ли Лукаревска на чело на УЈП или можеби ќе ја видиме на некое “министерско столче”?
Лукаревска: Секое столче значи одговорност, многу работа и постојан притисок да се одговори на сите барања.
Покажав дека не ме плашат ниту работата ниту пак одговорноста. Управата за јавни приходи е една од најважните институции без која неможе да функционира системот во било која земја.
Сега УЈП е капацитетна институција која го смени имиџот целосно, не служиме за заплашување. Градиме  коректен однос и еднаков пристап кон секој граѓанин и компанија.
Работа, одговорност,  интегритет, доверба, почитување, тоа се моите принципи кои што ги следам, така и ќе продолжам.
Азманоски: Доколку направите преглед на функционирањето на УЈП пред вас и за време на вашиот мандат што е тоа што ве прави горда и можете да се пофалите?
Лукаревска: Има многу работи за што зборуваат и резултатите. УЈП не е само институција која се грижи за приходите во Буџетот, туку е и основата на сите општествени процеси, двигател на економските текови, партнер на даночните обврзници. Даночните работници и УЈП се клучот за размена на податоци со институциите, во координацијата на важните процеси во даночната сфера, и секако во борбата против корупцијата. Борбата против корупцијата не е можна без високо професионална и капацитетна Управа.
Во соработка со Светска Банка обезбедуваме нов Интегриран даночен информационен систем, што ќе ја зголеми ефикасноста, ефективноста и ажурноста на сите услуги, а ќе има  ефект и на наплатата и сузбивањето на даночното затајување . И најважно од се е што ја вративме довербата на граѓаните и на компаниите, разговараме, комуницираме и нема забелешка што не била сериозно разгледана за да се обезбеди најдобро и професионално коректно решение.