Интервју со Оливер Спасовски, поранешен Министер за внатрешни работи и носител на пратеничка листа во Изборна единица 2 предводена од СДСМ и коалицијата.

Разговараше: Виктор Азманоски 

Азманоски: Дали апсењето на новинарот Фуркан Салиу не потсети на заробената држава кога без посебен повод се апсеа новинари, невладини активисти и сите оние што на некаков начин се против политиките на ДПМНЕ?

Спасовски: Нѐ потсети на многу зла на кои бевме сведоци во текот на една цела деценија на заробена држава, а за кои се надевавме дека ги сотревме од корен за да сфатиме дека тие се поврзани со идеолошката матрица на ДПМНЕ која, за жал, и покрај сите демократски процеси кои ги поттикнавме да се одвиваат во текот на нашиот мандат, не се измени. Преку ноќ, по смената на началниците во МВР, под команда на актуелниот технички министер за внатрешни работи, го урнаа концептот МВР за граѓаните, но и целиот напредок во делот на гарантирање на безбедноста на претставниците на медиумите, реформите и проектите реализирани во соработка со ЗНМ и ОБСЕ. Наместо континуирана професионализација на полицијата, сега повторно имаме пречекорување на овластувањата и полициска бруталност, повторно инструментализирање на полицијата со цел сеење страв и предизвикување поделби, тензии, насилство. Апсење новинари во обид за замолчување и заплашување откако беше објавена афера за нарачани анкети и лажни вести, прекумерна употреба на сила и кршење на човековите права, но и злоупотреби на медиумите, нарачани дебати по медиумите кои се нивни послушници, пропаганда на сите нивоа сѐ со цел комплетно манипулирање на граѓаните. Тоа е таа матрица која мислевме дека остана закопана во минатото, но многу брзо ја оживеаја за да покажат дека не се промениле, не мрднале од мртвата точка и немаат намера да придонесат за напредок туку да ја остават својата држава заглавена некаде далеку во минатото, да тоне изолирана од светот во безнадежност. Затоа не смееме да дозволиме слободата која успеавме да ја вратиме на граѓаните – слободно да живеат, да зборуваат, да упатуваат критики – повторно да ни ја одземат.

Азманоски: Во вашиот мандат како министер за внатрешни работи отпочна проектот Безбеден град (поставување на камери за евидентирање на прекршоци). Дали сте во тек до каде се активностите на овој проект?

Спасовски: Во сите сегменти на полициското работење за време на мојот мандат беше направена модернизација што соодветствува на полиција од земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ: униформи, објекти, опрема, возила… Така, по примерот на европските земји се погриживме за воведување поточно надградба на овој систем за зголемување на јавната и сообраќајната безбедност. Станува збор за систем којшто ќе придонесе за лична сигурност на граѓаните, зголемена безбедност и остварување на граѓанските права. Новите камери кои се поставија во Скопје во рамки на проектот „Безбеден град”, а сѐ уште не се во функција, имаат за цел зајакнување на сообраќајната безбедност и треба да се користат за документирање на сообраќајни прекршоци. Покрај монтирањето на опремата, за целосно операционализирање на проектот, неопходно е нејзино тестирање, мрежно поврзување на утврдените позиции, но и измена на законската регулатива која е во собраниска процедура и ќе го чека новиот собраниски состав.

Инаку, во текот на мојот мандат, МВР во континуитет преземаше низа активности за обезбедување на безбеден сообраќај на патиштата во Северна Македонија: од нормативно уредување и доследно спроведување на законските прописи до реализација на проекти и активности во делот на превенцијата, но што е според мене најважно – зголемена присутност на терен на сообраќајната полиција, што сега не е случај. Зајакнати резултати во поглед на безбедноста во сообраќајот очекувам и од двете возила опремени со системот PolCam, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење, кои ги обезбедив од РСБСП кон крајот на минатата година со цел модернизација на опремата на сообраќајната полиција. Морам да нагласам дека за првпат во нашата држава полицијата доби на располагање ваков тип возила и опрема, кои се очекува исклучително да ја променат сликата на сообраќајот на патиштата, поради нивната мобилност и напредни технолошки опции.

Азманоски: Пред неколку дена новинарот Салиу откри скандал во кој македонската јавност имаше можност да го види планот на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори. Кога станува збор за анкети, како стои СДСМ на некоја реална анкета?

Спасовски: Токму тој план говори за нервоза во Белата палата, дека ништо не е така розово како што сакаат да го прикажат низ т.н. анкети. Покрај моето досегашно искуство во многу изборни циклуси наназад, тоа е уште една причина зошто не се потпирам на прогнозите од разноразните анкети кои се покажало дека не соодветствуваат со изборните резултати. Знаеме дека анкетите имаат свој нарачател, кој го плаќа нивното спроведување, се прават во и за одреден временски интервал, а зависат од тоа колку е примерокот репрезентативен, дали анкетата е стандардизирана или нестандардизирана, која постапка на статистичка анализа ќе се примени при добивање на резултатите…. Од сето ова зависи колку сликата што ќе ја добиеме во врска со прашањето кое го истражуваме е реална или искривена. А знаејќи, повторно од искуство, каква е пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ги тука и нарачаните анкети за манипулирање на јавноста, за што говореше и новинарот Салиу, презентирајќи оперативен план за нарачани анкети и лажни вести добиен од партијата, сметам дека единствената реална анкета ќе ја имаме на 24 април и на 8 мај. Тогаш ќе го имаме најреалниот резултат, тогаш ќе го добиеме најрепрезентативниот примерок, преку гласот на граѓаните.

Азманоски: Иако сѐ уште немате излезено со официјална изборна програма, што е она кое што ќе им го понудите на младите во државата, има ли вашата коалиција план, начин како да се спречи иселувањето на младите?

Спасовски: Она што посебно ме радува и ми дава ветер во грб и мене и на моите сопартијци е што младите ја препознаа нашата визија, застанаа зад неа, на патот кон Европската Унија кој не само што ќе ни обезбеди стабилност и просперитет, туку и непрекинат напредок и развој во сите области, застанаа зад подобра европска иднина. Иднина која ние им ја должиме, а тие ја заслужуваат, бидејќи европската интеграција, меѓу другото, овозможува и простор за младите за развој и реализација на своите идеи и потенцијали. Тоа за нив значи патување, студирање и работење во странство, но и подобри училишта и факултети во сопствената држава, подобра инфраструктура, подобри болници и бројни европски фондови за развој, но и за продолжување на реформите во сите сфери на општественото живеење. Таа нивна желба за нас е водилка, бидејќи ние како СДСМ не се откажуваме од интересите на граѓаните, особено на младите. Посебно што имаме солиден простор за подобрување.

Младиот човек е и останува центарот на нашите политики и ние сме тука да направиме сѐ што треба за да овозможиме европски живот дома. Во Програмата за европска иднина предвидуваме развој на образовен систем според стандардите на ЕУ, европска детска гаранција, зголемување на младинскиот додаток. Во делот на образованието предвидуваме зголемување на студентскиот оброк во 2024 година, зголемување на опфатот на младинската гаранција за 35.000 млади луѓе и воведување на софтвер за младинска работа. Еден од проектите за млади е и План за домување – субвенционирани станови за млади брачни парови, како и отворање на младински центри во секоја општина. Во делот на земјоделството, за младите земјоделци предвидовме 100% зголемување на поддршката во првите 5 години, како и финансиски мерки за прво вработување на младите, но и даночни ослободувања за млади претприемачи. Понатаму – ваучери за средношколци, бесплатни ученички екскурзии, но и ставање крај на лажните дипломи, кои секако, сите нас нѐ загрижуваат, како и ревизија и евалуација на веќе стекнатите дипломи. Ќе овозможиме реални критериуми за вработување, со европски плати, а за студентите од медицинските факултети посебно значајно ќе биде предвиденото загарантирано вработување и конкурентни услови за работа, но и модел за враќање на нивните постари колеги кои одлучија да ја напуштат државата.

Затоа и сметам дека ова е историски момент во кој сме повикани заеднички да ја продолжиме нашата меѓугенерациска борба и да ги оствариме заедничките соништа за европско утре за сите нас.

Азманоски: Дали по евентуална победа, односно формирање на Влада, Спасовски би се вратил во МВР или можеби се гледа како иден мандатар?

Спасовски: Тоа е партиска работа и политичка одлука, а личните амбиции во овој момент се неважни. За мене приоритет е каде ќе се движи државата и која ќе биде иднината за граѓаните. Имаме јасни план и визија како да ја внесеме државата во ЕУ во следните 5 години. Многу пречки надминавме, уште многу предизвици има пред нас, но сега не смееме да се откажеме, бидејќи членството во ЕУ е единствениот начин да се сменат на подобро работите во државата. Нам ни се потребни правилата на ЕУ за да ги подобриме состојбите во здравството, образованието и судскиот систем. Нам ни е потребен директниот пристап до пазарите на ЕУ за да го подобриме стандардот и квалитетот на живеење на граѓаните, нам ни се неопходни европските фондови за да продолжиме со реформите онаму каде што застанавме. Затоа нашиот приоритет е на претстојните избори заеднички да избереме надеж и подобра иднина наместо безнадежност заглавување во минатото.