Средбата која се одржа во Битола со градоначалничката ја организираше Александар Кирацовски и на истата имаше неколку присутни лица, истакна Бојан Јовановски денеска на рочиштето за судскиот предмет „Меѓународен сојуз“ во Кривичниот суд.

Во овој процес обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13, Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.

Јовановски рече дека проектите за старечки домови, кои според обвинителството се фиктивни всушност се реални, со договори потпишани и донесени на собрание на невладината „Меѓународен сојуз“ и проекти прераснати во платформи.

– Поддршка имав и од Мила Царовска, тогашната министерка за социјала, од Оливер Спасовски, а бевме на прием и кај екс премиерот Зоран Заев. Ние всушност функцииниравме како министерство за социјала, згрижувавме деца и сега некој мојата хуманост ќе ја доведува во прашање? Никогаш не сме злоупотребиле буџет на Македонија, а парите кои подоцна се уплаќани на 1ТВ се легални. Средствата на бизнисмените Мицевски и Амзоски не се уплатени на сметката на „Меѓународен Сојуз“, туку на приватна сметка. Што се тие, мали бебиња за да ги измами некој – изјави Јовановски.

Тој тврди дека соработката на бизнисмените се случила преку посредници.

– Бизнисменот Амзовски доколку не се сретнеше со Александар Кирацовски немаше да го прифати проектот – рече Јовановски и додаде дека Мила Царовска ја донела авторката на проектот, Лилјана Тодоровска кај него.

Тој објасни дека имало наменски меморандум за спроведување на проект, Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис.

– До последниот ден на моето апсење Европскиот центар требаше наместо во Битола да биде спроведен кај касарната Партизан во Дојран за што Силјан Мицески и Александср Кирацовски остваруваа средби со градоначалникот – рече Јовановски.