Арсен Венгер сака Арсенал да се врати брзо во Лигата на шампионите и тоа може да се случи преку Лига Европа.

Тимот од Лондон води со 2:0 против Милан пред реваншот од осминафиналето на турнирот, а трофејот ќе им обезбеди место во посилниот фудбалски турнир наредната сезона.

Венгер, сепак, предупреди дека Арсенал не треба да ги потценува Италијанците.

– Сакам да играме во Лигата на Шампионите. Лига Европа сепак е посилна од кога било и има многу силни тимови како Милан, Дортмунд и други. Многу нешта може да тргнат наопаку и ние треба да играме на начинот на кој нашите навивачи очекуваат да го правиме. Против Милан треба да играме така, сеедно што првиот натпревар завршил 2:0, изјави денеска Венгер на пресот пред утрешниот меч.

Арон Ремзи додаде дека победата над Милан во првиот натпревар ја зголемила самодовербата на фудбалерите.

– Имавме потреба од овој резултат, бидејќи во последно време се наоѓавме во лоша серија, а се трудевме многу на секој натпревар. Се надевам до крајот на сезоната ќе стануваме се подобри, изјави Ремзи.