Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар и на денешниот распит продолжил да негира дека има некаква вмешаност во киднапирањето на неговата ќерка, информираа од Јавното обвинителство.

Тој вчера заврши во 48-часовен притвор во Шутка, откако надлежните институции информираа дека за изнуда на пари од мајката тој ги дал потребните информации за движењето на девојчето во раните утрински часови, кога тргнала на училиште.

Според министерот Спасовски и како што вели по првичните сознанија, нејзиниот татко Александар индиректно бил вмешан во грабнувањето на девојчето, иако тој упорно го негирал тоа.

„Како што веќе сте запознаени, мотивот е користољубие при што, според првичните сознанија, едно од лицата во договор и со знаење на член од семејството го организирало извршувањето на кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката, од што понатаму сите инволвирани би имале парична, односно материјална корист“, изјави вчера првиот човек на полицијата.