Во повеќечасовниот напад врз Киев оштетени се неколку згради, вклучително и градинка. Меѓу ранетите е и едно 11-годишно дете, соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

„Киев беше главна цел”, напиша командантот на украинското воздухопловство Никола Олешчук на Телеграм.

Русија лансираше врз Украина околу 75 беспилотни летала од иранско производство, од кои 71 уништи противвоздушната одбрана, соопштија украинските вооружени сили, пренесува АП.

Нападот е „најмасовниот воздушен удар со дронови врз Киев”, рече Сергеј Попко, началник на градската управа на Киев, напомнувајќи дека противвоздушната одбрана во текот на утрото соборила повеќе од 60 воздушни цели над престолнината.

Нападот врз Киев почна во 4 часот наутро по локално време, продолжувајќи во бранови повеќе од шест часа, и предизвика прекин на струјата во 77 станбени згради и во 120 институции.

„Нашите војници ги соборија повеќето од дроновите. За жал, не сите. Но продолжуваме да работиме на засилување на нашата противвоздушна одбрана”, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.