Нејмар во четврток ќе биде опериран во Бело Хоризонте, Бразил, две недели по тешката повреда на коленото, објави во средата Бразилската фудбалска федерација (ЦБФ).

„Тимот на д-р Родриго Ласмар, главниот лекар на машката репрезентација на Бразил, ќе биде одговорен за операцијата во болницата Матер Деи во Бело Хоризонте“, соопшти ЦБФ.

Нејмар веќе беше опериран од доктор Ласмар во истата болница во 2018 година, по тешката повреда на стапалото со ПСЖ.

Нејмар на 17 октомври ги скина предните вкрстени лигаменти и менискусот на левото колено при поразот од Уругвај во Монтевидео (2:0) во јужноамериканските квалификации за СП 2026 година. Тој во солзи и на носилки го напушти теренот.

Не е наведено колкава пауза го очекува Нејмар, кој се пресели во Саудиска Арабија во Ал-Хилал.

Искуствата од ваквите повреди говорат дека се потребни долги месеци рехабилитација. Се проценува дека Бразилецот ќе биде надвор од терените десет месеци.