Заврши заложничката драма на аеродром во Хамбург, која траеше цели 18 часа.

Зградите на терминалот на аеродромот и неколку авиони беа евакуирани синоќа откако вооружен маж со дете во автомобил излета на пистата. Според федералната полиција, вооружениот маж со своето возило поминал низ оградата на аеродромот околу 20 часот и влетал во терминалот на аеродромот. Имал пиштол и пукал двапати во воздух, а од автомобилот фрлил и две шишиња со запалива течност слична на молотови коктели.

Преговорите траеле 18 часа, а полицијата денеска околу 14 часот и 40 минути соопшти дека мажот се предал и бил однесен од специјалци. Девојката која била со него не е повредена, соопшти полицијата.

Според Би-Би-Си, властите веруваат дека ситуацијата вклучувала спор околу старателството над детето и дека мажот не се согласувал со некои од одлуките на властите во врска со уредувањето на старателството и сакал да отпатува во Турција со детето.