Програмскиот колегум на Младинскиот културен центар (МКЦ) ја доби и втората тужба во негова корист од Управниот суд, против решението на градоначалничката Данела Арсовска, за назначувањето на Никола Алексов за в.д. директор на установата, во мај, минатата година. Пресудата се случува кога трае примопредавањето на директорската функција од в.д. директорот Алексов, на новоназначениот директор Бени Шаќири.

Управниот суд досудил против одлуката на Арсовска, да постави на функцијата, в.д. директор на МКЦ некој кој не е од редот на вработените, зашто пред да ја добие таа функција, Алексов беше ангажиран во МКЦ преку Агенцијата за привремени вработувања. Тоа е спротивно на Законот за вработени во јавниот сектор, велат од Управен.

„Оценувајќи ја законитоста на оспореното решение, судот најде дека истото е неправилно и незаконско, донесено врз основа на нецелосно и неправилно утврдена фактичка состојба, врз чија основа погрешно се применети одредбите од материјалниот закон, со што оцени дека е повреден законот на штета на тужителот“, велат од Управниот суд.

Одлуката на Управниот суд е правосилна и против неа Арсовска нема право на жалба.

Од програмскиот колегиум велат дека имаат право да ги поништат сите одлуки кои биле донесени од Алексов.