Да се спроведе истрага која би расветлила како се дозволило да се случи масовен собир на граѓани во Струга, побара министерот за здравство, Венко Филипче, преку социјалните мрежи, кој сцените од верскиот настан ги оцени како крајно разочарувачки.

„Сцените кои ги гледам денеска од Струга се крајно разочарувачки за мене. Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата. Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд, мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид собир, кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од какви било собири за конечно да почнеме да го враќаме животот во нормала“, напиша министерот Филипче на социјалните мрежи.

Вчера стотици верници излегоа на улиците во Струга не почитувајќи ги владините мерки против ширењето на пандемијата, за време на традиционалната литија. Некои од нив, како што можеше да се забележи на снимките, не носеа маски, а спротивно на мерките не се почитуваше ни препорачаната дистанца.