Ние како политичка партија која доаѓа со едно опозициско искуство сме спремни да преземеме обврска да владееме, вели во разговор за Фокус Аријанит Хоџа, генерален секретар на БЕСА, која на претстојните избори настапува во предизборна коалиција со СДСМ. Според него, предлогот на ДУИ за премиер-Албанец е „ефтин предизборен трик“. 
ФОКУС Со оглед на специфичните околности поради корона вирусот, каква кампања ќе водите за претстојните парламентарни избори? Дали ќе се одржуваат митинзи, трибини и друг вид на собири или пак целосно ќе се потпрете на онлајн-кампања?
ХОЏА Нормално дека околностите ни наложуваат да бидеме претпазливи и да водиме грижа за здравјето на граѓаните. Поголемиот дел од кампањата ќе биде преку медиумите и социјалните мрежи. Технологијата ни овозможува да може да стигнеме со нашите пораки и програмски понуди до секој граѓанин.
ФОКУС Кои прашања ќе доминираат во текот на кампањата? Дали клучно ќе биде справувањето со здравствената и економската криза или ќе се обидете да наметнете и други прашања?
ХОЏА Сакале или не, доминантни ќе бидат темите околу здравството и начинот на кој ќе продолжиме со справување со пандемијата од Ковид 19. Исто толку значајна ќе биде и економијата, справување со последиците од кризата, стратегија околу зачување на работните места и создавање на услови за развој и можности за отварање на нови работни места преку странски инвестиции, но и преку поддршка на стопанството.
ФОКУС Како гледате на барањето на ДУИ следната влада да ја води премиер-Албанец? Од ДУИ ве повикаа и вас да се приклучите на овој концепт, па каков е вашиот став во однос на тоа?
ХОЏА За жал, тоа што ДУИ го нуди не е концепт. Понудата за поддршка на кандидат за премиер остава горко чувство кај секој граѓанин, а посебно кај Албанците, бидејќи кога се крие името граѓаните одма мислат кој од најслабите кадри на ДУИ може да претендираат за една таква номинација. Оваа идеја ДУИ можеа да ја претстават пред откажаните избори на 12 април, но тогаш не ни размислувале за ваква идеја, туку сега, кога гледаат дека тонат политички и нивниот рејтинг е во слободен пад, се обидуваат со вакви идеи да го запрат падот. За среќа, Албанците веќе ги препознаваат ефтините предизборни трикови на ДУИ.
Прочитајте повеќе на ФОКУС.