Царинските службеници на влез на граничниот премин Табановце минатата недела спречија обид за нелегално внесување на разновидна опрема за скијање во вредност од речиси 243 илјади денари за која е избегнато плаќање царински увозни давачки од 53 илјади денари.

Стоката е пронајдена при детаљен преглед на патничко возило со македонски регистарски таблички управувано од македонски државјанин откога возачот изјавил дека нема ништо да пријави за царинска контрола.

„При извршената контрола царинските службеници во багажникот на возилото пронајдоа 115 парчиња опрема за скијање, меѓу која: кациги, штици, скии, стапови, очила, ранци и облека за скијање. Против лицето е поднесена пријава за царински прекршок по член 263 од царинскиот закон, а стоката е привремено одземена“, велат од Царинската управа.