Од денес, Кисела Вода е првата општина каде повозрасните лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, добиваат бесплатен превоз до потребната институција, изјави денес градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Ова го содржи договорот потпишан со секретарот на Црвен крст на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска.
Започнуваме со мерка која како целна група ги има повозрасните и изнемоштени лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник, негувател или личен асистент.

Со повикување на еден телефонски број, тие можат да добијат бесплатен превоз до потребната институција за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга.

Транспортот се врши во работни денови од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот и се закажува 24 часа однапред.

Притоа, општина Кисела Вода ги обезбеди финансиските средства за услугата, а Црвениот Крст на користење ги става своите возила и човечките ресурси.
Како локална самоуправа континуирано покажуваме дека се грижиме повозрасните лица да имаат поквалитетни и подобри услови за живеење.

Ова е стратегија која ја развиваме и ќе ја продолжиме и во наредниот период, што подразбира дека тие можат да очекуваат испорака на повеќе социјални и здравствени услуги за помош и грижа како и спроведување на соодветни активности, за нивен активен и здрав живот.
Корисникот со живеалиште во општина Кисела Вода кој има потреба од превоз, може да се јави на телефонскиот број 02/15330, во Контакт центарот на Црвениот крст секој ден во текот на 24 часа, преку кој однапред би го закажал својот термин за превоз до одредена институција, по принципот на временски редослед на закажување.

Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација, и назад.
Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред, по принципот на прв дојден-прв услужен.

Едно лице има право на бесплатен превоз во еден правец максимум 4 пати во текот на 1 година.

Благодарен сум и на претседателот на Здружението на пензионери, Момчило Петровиќ кој во име на сите го поддржа овој проект и го посочи како исклучително важен.

Грижата продолжува, бидејќи Кисела Вода е за сите луѓе!❤️