„Царинската управа e една од клучните институции за подобрување на условите за водење бизнис и забрзан економски раст. Преку спроведување реформски политики за унапредување на трговијата и користење врвна ИТ-технологија обезбедуваме огромни поедноставувања на увозните, извозните и на транзитните постапки, што за македонското стопанство значи заштеда на време и средства и конкурентска предност на меѓународниот пазар“, истакна директорот Стефан Богоев при посетата на две македонски компании во Неготино, „Ким Неготино“ и винарницата „Венец“.

„Ким Неготино“ минатата година остварила извоз од 53 милиони денари, при што во делот на соработката со Царинската управа користи одобрение за крајна употреба, што подразбира дека репроматеријалите што ги увезува компанијата за потребите на процесите за производство се со намалена царинска стапка или нула царинска стапка. Винарницата „Венец“, пак, минатата година остварила извоз од 32 милиона денари, при што некои од своите сорти вино ги извезува во Кина.

„Царинската управа како партнер на бизнис-заедницата е посветена на подобрување на услугите кон македонските компании. Паралелно се спроведуваат мерки за сузбивање на сивата економија како едно од клучните барања на македонското стопанство. Кажав дека ќе имам нула толеранција за криминалот и корупцијата, а резултатите веќе ги покажуваат саканите ефекти. Притоа, континуираниот дијалог е многу важен бидејќи тој ни овозможува јасна слика за спроведените мерки. Ова придонесува за унапредување на политиките и поголема ефективност на мерките што ги спроведуваме“, вели Богоев.