Денес напладне во гостиварската населба Малеарди беше откриен мурал во спомен на д-р Трајче Нешковски.

На свечен настан во маалото каде порасна и поминуваше поголем дел од животот д-р Трајче пред присутните почитувачи на неговиот лик и дело беше прикажано делото на кумановскиот уметник Дејвид Стоилковски.

„Преку муралот не дозволуваме да избледи неговиот лик, но и споменот за неговиот ведар дух, неисцрпна енергија и желбата да помогне секому. Споменот за него нема да избледи, зашто ако човек живее колку што се спомнува, тогаш Трајче живее секој ден. Симбол на човечност, хуманост и истрајност. Беше другар што обединува. И сѐ уште успева да нѐ спои, обедини, да нѐ собере заедно во негова чест“, беше речено на денешниот настан.

Муралот е искажување почит кон неговиот лик и дело, кон сѐ што направил, за целата грижа, љубов и посветеност кои ги носеше во себе во неговото големо срце.

Откривањето на муралот беше проследен со музичка придружба на Мјузик Вива.

Од здружението на граѓани што д-р Трајче Нешковски информираа дека, собраните средства од настаните ќе бидат наменети за: престој во градинка за децата на самохрани родители, потребни помагала за жените борци против ракот на дојка, реновирање на детското и спортското игралиште во Малеарди.

Д-р Нешковски почина на 14.10.2020 година во сообраќајна несреќа. Беше истакнат член на СДСМ, важеше за човек кој секому подаваше рака кај што е потребно, доктор специјализант интернист на Клиниката за пулмоалергологија.

“Секоја генерација има своја борба, секое време си има свои ХЕРОИ”