Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб ветер од југозападен правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Утринската температура ќе биде од 3 до 7 Целзиусови степени, а во попладне од 15 до 24 Целзиусови степени.

Во Скопје, времето денеска ќе биде, сончево со мала облачност и со слаб јужен ветер. Температурата наутро ќе биде 6 степени, а попладне ќе се искачи до 21 Целзиусов степен.

Утре, според прогнозите на УХМР, времето ќе биде облачно, почнувајќи од северозападните и северните делови со повремени врнежи од дожд, кои во текот на денот ќе се прошират насекаде. Пообилни врнежи ќе има во западните и северните делови. Според синоптичарите, претпладне ќе дува слаб до умерен југозападен, а попладне и кон крајот на денот засилен северозападен ветер, особено вдолж Повардарието.

И во Скопје, утре времето ќе биде облачно, уште од претпладнето со врнежи од дожд. Попладне ќе дува умерен до засилен северен ветер. Температурата утре ќе се искачи до 21 Целзиусов степен.