Mакедонската фудбалска репрезентација, која од Тбилиси синоќа слета во Приштина по историскиот пласман на Европското првенство, беше пречекана од премиерот Зоран Заев на граничниот премин Блаце.

Заедно со Заев на пречекот дојдоа и првиот вицепремиер Артан Груби, како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

„Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци, кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа што македонската историја не ја памети досега, со што Македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани, ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација. Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден“, рече Заев.

Како што додаде, тој и првиот вицепремиер Артан Груби дошле да ги пречекаат фудбалерите за да ја споделат радоста и да им соопштат дека во името на Владата и на граѓаните сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра.

Ова е успех достоен за големо славење, рече Заев, но должен сум да апелирам и да замолам и вие да го направите тоа и да апелирате и во овој момент да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, кои забрануваат собири.