Лидерот на СДСМ Зоран Заев  на прес конференција порача дека сега не е време за политики и политички противници и дека не смее да се дозволи сликите од Македонија да бидат како сликите од Вухан и северна Италија. Прво здравје, потоа избори, порача Заев практично барајќи и тој, во име на СДСМ, на седницата на Советот за безбедност да бидат одложени изборите. Претходно со таков повик излезе и ВМРО-ДПМНЕ.

Заев притоа соопшти дека преставниците на СДСМ на средбата кај претседателот ќе го пренесат овој став и ако тој не свика лидерска средба, ќе свика Владата за да се донесе заеднички одлуката за одложување, но и за новиот датум за изборите.

Претходно, Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку својот  фејсбук профил повика на одложување на предвремените парламентарни избори.

„Денеска ќе повикам на состанок на лидерите на средба со претседателот Стево Пендаровски со точка на агендата, разговори за одложување на предвремените парламентарни избори со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Неопходно е да се однесуваме одговорно кон граѓаните и државата. Нема никаква логичка, човечка, рационална или прагматична причина тие да не бидат одложени затоа што за мене, и верувам за другите, борбата за моќ по цена на животот на граѓаните е неприфатлива “ – пишува Мицкоски на фејсбук.