Министерот за правда Кренар Лога изјави дека повторно ќе го достави законското решени во парламентот, но овојпат по редовна постапка. Ова следи откако мнозинството пратеници во Собранието одлучија да не го поддржат донесувањето на законот за амнестија по скратена постапка.

Тој изрази надеж дека пратениците гласале „против“ поради скратената постапка на предложениот закон и додаде дека набрзо народните избраници уште еднаш ќе имаат можност да се произнесат за законот.

Исходот од денешното гласање го гледа како одмазда кон него и кон неговата партија „Алијанса за Албанците“, поради, како што рече неподдршката за измените на Кривичниот законик.

„Денеска Македонија е понеправедна држава од вчера, за жал оваа неподдршка за предлог-законот за амнестија ја гледам како одмазда за измените на Кривичниот законик кон мене и мојата политичка партија“, изјави Лога.

Тој нагласи дека нема никаква криза во владината коалиција.

„Нема никаква криза. Значи, како што кажав – Македонија денеска е понеправедна држава од вчера и продолжуваме понатаму. Јас пак ќе ја повторам постапката, но во редовна процедура. Ако сакаат дежа ву, пак ќе ја имаат таа можност уште еднаш да гласаат за оваа работа. Ако се донесуваат преку ноќ закони за големи риби, тогаш јас имам кажано од прв ден дека сум на страната на граѓаните“, додаде Лога.