Актуелниот претседател, Стево Пендаровски, кој се кандидира за втор мандат на претседателските избори објави дека за помалку од пет часа успеал да собере 10.000 граѓански потписи.

„Собирањето на потписите започна денеска, 3 март во 08.00 часот на територијата на целата држава и за неполни пет часа се собрани 10.000 потписи од граѓаните кои се потребни за поддршка на кандидатурата за претседател“, објавија од кабинетот на Пендаровски.

Претседателот им се заблагодари на сите граѓани за својата поддршка, и најави дека собирањето на потписи ќе продолжи и во наредните часови и денови.

Рокот за потпишување истекува в петок на 8 март. Со собирање на потписи денес почна и кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.