САД работат на тоа новата влада на Северна Македонија да го почитува Договорот од Преспа, подвлече помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан, пренесува Прототема.

За време на сослушувањето пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, американскиот дипломат тврдеше дека контактите на американските пратеници се корисни за да се задржи Северна Македонија посветена на договорот.

„Северна Македонија настрада поради споровите со соседите, кои постојано ги менуваат (пристапните) барања за неа. Дел од нашата работа е дипломатски да подготвиме начин за (Северна Македонија) да го одржи договорот што го има со Грција. И мислам дека средбата што ја имавте, како и другите средби помогнаа работите да се задржат во оваа точка, за Грција да стане пријател, а не пречка за пристапниот процес на Северна Македонија. Истото важи и за Албанија“, посочи тој во изјавата што ја цитира грчка Прототема.

Премиерот Кристијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова рекоа дека официјално ќе го користат уставното име, но дека ќе го користат името „Македонија“ во изјавите како чин што произлегува од правото на лично чувство и самоопределување.

Грчкиот премиерот Кирјакос Мицотакис од своја страна од Самитот на НАТО во Вашингтон појасни дека еден од најважните аспекти на Договорот од Преспа е ерга омнес употребата на уставното име. Ова ги обврзува владетелите да ја користат Северна Македонија и надвор и внатре во земјата.

Дека нема простор за повторно преговарање за договорите со Грција и Бугарија изјави и американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер. Таа истакна дека „договорите се направени. „Нема повторни преговори за Преспа, нема преговарање за напредок кон ЕУ. Ова е многу јасно“, нагласи Агелер.