Во досегашниот мандат Пендаровски покажа што значи да се биде вистински претседател за сите граѓани. Во неговиот прв мандат земјата стана членка на Алијансата, а сега е време за наредниот чекор, во вториот мандат на Пендаровски да станеме членки на ЕУ, рече Ковачевски на партискиот Конгрес вечерва

Пендаровски посочи дека анкетите што ги прикажува ВМРО-ДПМНЕ се лажни и оти вистинските покажуваат двојна победа. Трендовите од пред извесно време се променети, порача тој.

Владејачкиот СДСМ вечерва на партиски Конгрес ја официјализира поддршката за втор претседателски мандат на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски.

Пред Конгресот, заседаваше Централниот одбор на СДСМ, за поддршката за Пендаровски што претходно беше усвоена и од Извршниот одбор.

Настанот започна со интонирање на државната химна, по што претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски порача дека оваа партија, заедно со Стево Пендаровски може да ја внесе државата во Европската Унија и да ѝ обезбеди напредок.

„Имаме собрано над 22 илјади потписи за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. На овој начин, најдобро ги демантиравме сите критичари, сите скептици, сите оние кои сметаа дека СДСМ не е најдобрата опција за државата. На овој начин, најдобро се потврди она што го говорам две години, а тоа е дека најсилната, најголема и партија која има најголема организациска способност во државата е токму СДСМ.“, кажа Ковачевски.

Лидерот на СДСМ оцени дека Пендаровски е победнички кандидат со кој ги споделуваат прогресивните вредности, со јасна визија за европска иднина на државата.

„Во досегашниот мандат тој покажа што значи да се биде вистински претседател на сите граѓани. Во неговиот прв мандат земјата стана членка на Алијансата, а сега е време за наредниот чекор – во вториот мандат на Пендаровски да станеме членки на ЕУ“, рече Ковачевски.

На Конгресот се обрати и кандидатот за претседател на државата. Пендаровски оцени дека анкетите што ги прикажува ВМРО-ДПМНЕ се лажни и оти вистинските покажуваат дека тој и СДСМ ќе ги добијат претстојните парламентарни и претседателски избори. Трендовите од пред извесно време се променети, порача тој.

„Очекувам двојна победа. Имаме свои вредности и потенцијали и сме подобри од нив… Кој е нивниот предлог за европската преговарачка рамка? Велат ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на власт. Со таков пристап не можете и не смеете да бидете претседател на месна заедница, а не на државата. Тоа се луѓе кои не се извинија за најголемиот срам во историјата на Македонија – 27 април“, кажа Пендаровски.

Пендаровски е на функцијата претседател на државата од 12. мај 2019 година

Претходно, актуелниот шеф на државата попладнево соопшти дека за неполни пет часа ги собрал потребните граѓански потписи за неговата кандидатура за втор на претседателски мандат.

За кратко време денеска потребниот број потписи го собрала и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Силјановска-Давкова.

Граѓанска поддршка за претседателската трка обезбедија и Билјана Ванковска од Левица, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи како кандидат на ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, како и Максим Димитриевски од ЗНАМ.