Привремено затворање на Шенген зоната и рестрикција на движењето низ земјите од европската унија, се дел од мерките за заштита од коронавирусот кои планираат да ги воведат првите луѓе на Унијата.

Од Европската комисија велат дека иако треба да се гарантира интегритетот на внатрешниот пазар и слободното движење, главен приоритет во моментов е здравјето на граѓаните и ограничување на заразата.

„Ги информиравме нашите партнери од Г7 дека сакаме да воведеме привремени рестрикции за патувања кои не се неопходни за да не се шири вирусот, треба исто така да избегнуваме патувања кои не се неопходни за да не се зголеми притисокот врз нашите здравствени системи, ќе има исклучоци за доктори, медицински сестри, научници кои работат на коронавирусот како и лица кои работат преку границата.“ – изјавио  Урсула фон дер Лајен  – претседателката на Европската комисија.

А Европската комисија соопшти дека и потпретседателот институцијата, Франс Тимерманс, се наоѓа во карантин откако минатата недела се сретнал со француската државна секретарка за екологија, која е позитивна на коронавирусот…

Шпанија стана четврта земја во светот според број на заразени откако за само 24 часа бројот на заболени се зголеми за 1000 лица и сега изнесува 8.744…Министерот за надворешни работи предупреди дека следна мерка би можела да биде целосна блокада,  распоредувањето војска на улиците, наредбата 46 милиони луѓе да останат во домовите и преземање на контролата над приватните болници.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте предупредува дека епидемијата се влошува ширум државата а во разговор со здравствени власти било утврдено дека таа се уште не го достигнала врвот. Италијанската влада попладнево пак соопшти дека во последните 24 часа, 349 лица починале од инфекцијата.

И Австрија од денеска е во вонредна состојба. Заострените мерки ќе траат една недела, а како што најави канцеларот Себастијан Курц, потоа ќе се направи проценка како да се делува понатаму. Во државата веќе се заразени повеќе од 1000 лица.

Од Светската здравствена организација ги повика сите земји да ги засилат програмите за тестирање како најдобар начин да ја забават пандемијата на вирусот Ковид-19.

„Имаме едноставна порака за сите земји – тест, тест, тест. Без тестирање, случаите не можат да бидат изолирани и синџирот на инфекција нема да биде разбиен.“ – изјави Тедрос Аданом Гебрејесус – генералниот директор на СЗО.

Белата куќа од денеска воведува нови мерки за заштита и ќе се мери телесната температура на секој кој ќе влезе во комплексот…

Од денеска во Албанија стартува на сила забранува движење на граѓаните, седење по паркови и на друг јавни површини..Во државата потврдени се девет нови случаи на заразени со коронаврус, меѓу кои и еден лекар и три медицински сестри, со што бројот се зголеми на 51 лице.

„Извинете 1.000 – пати, но нема друг начин да се победи оваа војна, каде никој освен оние што служат во критичните структури на државата и оние што работат во основните ланци на економскиот ланец на земјата, не мора да излегува од дома освен за потребите за снабдување со храна или лекови! Шетањето не е неопходна потреба во ова време на војна, а седењата во парковите се недопустливи.“ – напиша на Фејсбук премиерот на Албанија Еди Рама.

Српската премиерка Ана Брнабиќ пак се закани дека доколку не се почитуваат препораките на владата, можно е воведување на полициски час.

Иако нема потврден случај на заразен со коронавирусот, Црна Гора одлучи да го прекине меѓународниот автобуски и железнички сообраќај а и националната авиокомпанија соопшти дека ќе ги призејми своите авиони.

Во Кина денеска се пријавени 16 нови случаи на коронавирус. Од избувнувањето на епидемијата кон крајот на минатата година, во државата се потврдени 80.860 случаи а излекувани се 67.749 пациенти. Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека главниот ризик за ширење на вирусот сега се странски државјани кои пристигнуваат во земјата.