Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавено е интервју со лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој, меѓу другото, говори и за состојбите во правосудството, откако веќе јавно призна дека измените на Кривичниот законик биле грешка.

ФОКУС: Неодамна признавте дека сте згрешиле со измените на Кривичниот законик, со кои многу дела застареа, гонети лица добија обесштетување наместо казни, а се оневозможи и гонење на потенцијални кривични дела од финансискиот криминал на функционери од изминатиот период. Зошто сметате дека овие законски измени се грешка, со оглед дека владата на СДСМ и ДУИ ги правдаше со германско и словенечко искуство и тврдеше дека тие ќе обезбедат конфискација на незаконски стекнатиот имот? Дали сметате дека се грешка од правен аспект или тоа го сметате само поради изборниот резултат?

ФИЛИПЧЕ: Не можам да кажам кои биле мотивите, зошто не сум бил дел од тој процес на креирање на тие решенија. Тоа што го реков дека биле грешка, е тоа што го чувствував тогаш и го чувствувам и сега.

Затоа и повикав веќе подготвениот текст на нов Кривичен законик, на кој се работело долго во Министерството за правда, да биде ставен на јавна расправа и час побргу да го донесеме. Не како некакво оправдување, туку затоа што тоа ни и обврска од реформската агенда со ЕУ.

Сметам, исто така, дека е погрешно да бидеме и натаму обвинувани дека тоа било направено за да се заштитат функционерите на владата на СДСМ од наводни криминали, кога токму челници од ВМРО-ДПМНЕ најмногу се офајдија од тие измени и сега се на високи функции.

ФОКУС: Но, ако навистина имало нов Кривичен законик, зошто толку долго се чувал во фиока во Министерството за правда?

ФИЛИПЧЕ: Во новиот КЗ, кој инсистирам да се донесе, има нови одредби кои ја санкционираат злоупотребата на службената положба и овластувања и тоа беше мој одговор на сите шпекулации дека е заради некаква скриена амнестија на функционерите од претходната власт. И навистина ме чуди зошто толку експресно тој мој предлог беше одбиен од премиерот Мицкоски.